Како до здрави очи?

Јадете правилно. Доброто здравје на очите почнува со храната што се наоѓа на вашата цинија. Хранливите состојки како омега 3 масните киселини, лутеинот, цинкот, витамините Ц и Е можат да ви помогнат против макуларната дегенерација и катарактата. За да ги обезбедите сите нив во исхраната јадете листест зеленчук како броколи, кељ, зелена салата, спанаќ и блитва. Полезни се и морковите, зелените и црвените пиперки, како и целиот останат зеленчук во сите можни зеленчукови бои, но и сите зачински свежи билки. Јадете масна риба како лосос и туна, но уште поправилно е да внесувате ореви и бадеми, како и други јатки. Гравот, леќата и леблебијата се добар извор на протеини од растително потекло. Добро избалансираниот внес на храна ви помага да имате нормална телесна тежина. Ова ја намалува можноста за појава на дијабетес тип 2, а со тоа се превенираат последиците од оваа болест поврзани со очите.

Престанете да пушите. Со тоа ја намалувате можноста да добиете макуларна дегенерација. Обидувајте се да се ослободите од оваа зависност. Ако не сте се обиделе, почнете со тоа уште денес.

Носете квалитетни очила за сонце со сите можни максимални заштити. Со тоа ја намалувате можноста да добиете макуларна дегенерација. Ако носите контактни леќи или имате вградени леќи исто така е полезно да носите очила за сонце.

Правете паузи додека работите на компјутерот или употребувате таблет или мобилен телефон. Можете да правите кратки паузи кога ќе гледате на далеку или подолги паузи по 2 часа работа на компјутерот. Трепкајте додека работите, а ако почуствувате дека очите ви се суви измијте го лицето и ставете капки за навлажнуванје на очите. Очилата што ги употребувате додека работите треба да имаат корекција што ви овозмозува добар вид. Завземете удобна положба при работењето и со тоа ја превенирате, болката во вратот, рбетот и рамениците.

Одете кај офталмолог на редовни прегледи на очите. Таму ќе ви биде прегледан видот и состојбата на сите делови на окото и ќе ви измерат очен притисок. Ако е потребно ќе ви ординираат и очила за да имате добар вид.

Не го занемарувајте престојот на чист воздух и телесните вежби. Ако сте повозрасни практикувајте јога, таи чи и долги секојдневни прошетки. Со тоа ќе ја регулирате телесната тежина, ќе го подобрите здравјето на срцето и крвните садови, ќе помогнете во регулиранјето на шеќерот и маснотиите во крвта. Сето ова индиректно ќе влијае на здравјето на вашите очи.

Намалете го внесот на алкохол, особено контролирајте го внесот на жесток алкохол.